Македонија
Пожарот на Шар Планина се самоизгаснал, огнот на врвот на Жеден сè уште е активен
Според информациите од ЦУК, пожарот на Шар Планина се самоизгаснал, но екипите вршат контрола на теренот за да се спречи евентуалното повторно самозапалување на огнот

Ниските температури во текот на ноќта го изгасиле пожарот кај селото Вешала во Општина Тетово. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека екипи на Националниот парк „Шар Планина“ се наоѓаат на местото на пожарот и вршат обиколка на опожарената површина. Екипите, додаваат од ЦУК, вршат и контрола на теренот за да се спречи евентуалното повторно самозапалување на огнот.
Според информациите од ЦУК, во пожарот била зафатена поголема површина со сува трева, папрат, смрека и ситни грмушки.
Утринава сè уште активен е пожарот околу врвот на планината Жеден. Од ЦУК велат дека утринава во 6:05 часот е добиена информација од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) Скопје и Полициската станица Сарај дека пожарот околу врвот на планината Жеден, каде што гори претежно трева и евентуално грмушки, е сè уште активен, но со намален интензитет.
Поради можноста во текот на денот тој да се разгори, од ЦУК велат дека ќе биде надгледуван. Вчера од скопската БППЗ информираа дека поради ноќните услови и непристапен терен пожарникарите не можеле да интервенираат.