Култура

Отворен конкурс за престижната награда „Браќа Миладиновци“

Националната установа – манифестација „Струшки вечери на поезијата“ објави конкурс за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик помеѓу две фестивалски изданија.

Право на учество имаат книги издадени во периодот од 1 јуни 2025 до 1 мај 2026 година, а рокот за пријавување трае до 1 мај годинава. На конкурсот можат да конкурираат и двојазични изданија, под услов поезијата на македонски да е оригинално создадена, а не преведена.

Пријавите може да ги поднесат авторите или издавачите, со согласност од авторот, при што не постои ограничување во бројот на пријавени наслови по автор или издавач. Книгите мора да бидат првично објавени во наведениот период и да не се претходно издадени на друг јазик.

Во согласност со условите, прифатливи се само дела од еден автор, додека коавторски книги не се разгледуваат. Дополнително, сите пријавени изданија треба да имаат ISBN број.

Од учество се исклучени книги од членови на управните тела на фестивалот, вработени, членови на жири-комисијата, како и нивни блиски роднини.

Делата објавени под псевдоним може да конкурираат доколку авторот е препознатлив под тој псевдоним. Во спротивно, потребно е да се достави доказ за авторството.

Пријавите што нема да ги исполнат условите или нема да пристигнат во предвидениот рок нема да бидат разгледани.

За учество, авторите или издавачите треба да достават шест примероци од книгата на адресата на манифестацијата во Струга, со назнака за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година. Се препорачува делата да бидат доставени и во електронска форма.

Тагови

Поврзани вести