Свет

ОН денеска гласаат за промена на картографските проекции на светот

Предлог-резолуцијата ја поднесе Того, со поддршка од останатите 54 членки на Африканската унија.

Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да гласа за резолуција со која државите, меѓународните организации, училиштата и технолошките компании се повикуваат постепено да ја напуштат традиционалната Меркаторова проекција на картата на светот и да користат картографски проекции кои поверно ја прикажуваат вистинската површина на Африка и другите континенти.

Предлог-резолуцијата ја поднесе Того, со поддршка од останатите 54 членки на Африканската унија.

Иницијативата не предвидува забрана на Меркаторовата проекција, туку има цел картите што попрецизно ја прикажуваат површината да станат нов стандард во образованието, меѓународните институции и дигиталните технологии, особено во случаи кога е важно точно да се споредува големината на државите и континентите.

Министерот за надворешни работи на Того, Роберт Дуси, истакна дека барањето на африканските држави не е политички мотивирано, туку се темели врз научни факти.

Меркаторовата проекција ја развил фламанскиот картограф, Герард Меркатор, во 1569 година, првично како средство за олеснување на навигацијата и одредувањето на правецот на пловидба.

Иако била создадена за навигациски потреби, со текот на вековите таа станала најпрепознатливиот приказ на светот и денес е широко застапена во училиштата, државните институции и дигиталните карти. (МИА)

Тагови

Поврзани вести