Воздух
Загадувањето со пластика ги зафаќа и облаците, би можело да влијае на климата
Микропластиката се наоѓа во Земјината атмосфера и може да ги наруши временските услови и климата, тврдат научници од Универзитетот Пен стејст во Пенсилванија. Во истражувањето објавено во магазинот Наука и технологија на животната средина: Воздух, научниците покажале дека микропластиката може да „дејствува како честичките кои го создаваат јадрото на мразот“ или како микроскопски аеросоли кои го олеснуваат создавањето кристали на мразот во облаците и атмосферата.
Професорката Миријам Фримен од ПСУ смета дека таквиот ефект би можел да влијае и на промена на врнежите, што последично би ги направило помалку веродостојни и временската прогноза и климатското моделирање, а и безбедноста во воздухопловниот сообраќај. „Во текот на последните две децении, колку што се истражува микропластиката, научниците откриле дека ја има насекаде, така што ова е само уште еден дел од таа сложувалка“, кажа Фримен.
И додека голем дел од фокусот, кога станува збор за загадувањето со пластика, е на загадените подрачја кои пловат по океаните, друга студија на Пен стејт универзитетот која ќе биде објавена во декември, открива дека уште од педесеттите години на минатиот век микропластиката се трупа и во реките.
Тим на Универзитетот во Стокхолм неодамна објави истражување во кое се предупредува дека, иако во светот секоја година се произведуваат 50 милиони тони пластика, се рециклираат само 9 отсто.