Свет

Нова блокада на граничните премини Богородица и Меџитлија

Во периодот од 12 до 16 и од 18 до 22 часот по локално време се очекува и денеска земјоделците во јужниот дел на Македонија да го блокираат граничниот премин Богородица за влез и излез од кон нашата земја, со што целосно ќе биде во прекин сообраќајот со исклучок на камионите, додека пак низ целата земја поставени се над 50 блока, јави дописничката на МИА од Атина.

На граничниот премин Богородица, паркирани се над 300 трактори, а веќе десет дена грчките земјоделци периодично го затвораат за сообраќај.

Блокови се поставени и на другите гранични премини, на Меџитлија кон Македонија, каде што секојдневно се одлучува дали и на колку време ќе се блокира сообраќајот, кон Бугарија и кон Турција забраната се однесува само на камиони.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а бараат и исплатата на заостанатите субвенции.

Блокади се поставени на низа автопати и локални патишта низ цел полуостров, со што отежнат е сообраќајот и се одвива по споредни улици.

Вчера, како што објави МИА, обвинителот од Врховниот суд на Атина, Константинос Ѕавелас побарал, обвинителите во целата земја со помош на надлежните полициски органи да интервенираат во случаите кога се вршат кривични дела што се гонат по службена должност во однос на земјоделските блокади и доколку со тоа се нарушува безбедноста во сообраќајот.

Тагови

Поврзани вести