ЕКО производиЕкономија

Нема олеснувања за поставување фотоволтаици, компаниите пред колапс

Олеснувањата за поставување фотоволтаици кои Владата ги промовираше вчера, беа најавени во мај. Близу четири месеци беа потребни за да се извршат потребни измени во Законот за градба со кои се прават некакви олеснувања за поставување панели на крововите и за домаќинствата и за фирмите. Но, овие измени се далеку од тоа што го бараат компаниите кои деновиве се борат со цена на струјата од 800 евра за мегават час.

Измените усвоени на  вчерашната седница се однесуваат на домаќинствата кои на кровот ќе постават панели за производство на струја до 6 киловати, и за компаниите кои ќе произведуваат до 40 киловати. Со измените е предвидено веќе да не се бара дозвола за поставувањето од општината, туку само да се достави потребната документација. За општините кои имаат функционална администрација оваа дозвола и досега не беше проблем и се издаваше во најкраток можен рок, значи олеснување ќе има за граѓаните и фирмите кои сакаат да инвестираат во општините кои многу бавно си ги исполнуваат обврските.

Што се однесува до потребната документација, според познавачите на проблематиката, се укинува барањето за проектот за статика на објектот.

„Инвеститорите на електроцентралата се должни само да ја известат единицата на локалната самоуправа за поставување на електронапонска централа и да ги достават следните документи: Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице, што значи за фирмите или компаниите или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице за куќа или домаќинство, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонска електроцентрала или доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот се доставува договор склучен со сопственикот на објектот или писмена согласност од сопственикот. Основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала или доколку е во колективна станбена зграда писмена согласност за поставување на фотонапонска електроцентрала од мнозинството од сопствениците на посебни делови на објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот“, изјави вчера министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Сега ќе треба да се достави основен проект треба да содржи општ и проектен дел кој се состои од архитектонски проект за електрична инсталација и опрема.

„Градбите се поставуваат од страна на изведувач со лиценца, се ставаат во употреба врз основа на изјава дадена под кривична и материјална одговорност од страна на изведувачот дека е поставена согласно основниот проект, каде што максималната инсталирана моќност на електроцентралата не надминува 40 киловати за правните лица, односно 6 киловати за домаќинствата.  Фотонапонската електроцентрала е приклучена на електроенергетската инфраструктура, односно приклучокот на ЕВН“, истакна Бочварски.

По завршувањето на оваа постапка, согласно измените во законот, инвеститорот е должен примерокот од изјавата на изведувачот да го достави до единицата на локалната самоуправа и до Агенцијата за енергетика.

Што бараше, а што доби бизнисот?

Бизнис секторот со месеци бара измени во овој Закон, но и во Законот за енергетика, а она што го слушнаа вчера не е одговор на нивните барања и нема да помогне за намалување на галопирачките цени на струјата.

Бизнисот побара Владата заедно со прогласувањето на кризната сотојба, да најде начин да го суспендира делот од законите за градење и енергетика или да донесе Кризен акт за комапниите да можат да постават фотонапонски централи за сопствено користење на енергијата, а комплетирањето на документацијата да биде во рок од 12 или 24 месеца .

„Вчерашните измени се однесуваат на инсталирана моќност до 40 киловати. Нашата компанија е средна и троши 250 киловати. Тоа значи дека оваа измена не ни е од корист, ни со неа нема да ја обезбедиме потребната струја“, вели за Блумберг Адриа, Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар ТЕП.

 

Измените во законот воопшто не се однесуваат на делот за изградба на соларни паркови, односно за производство на струја за продажба. За ваквите паркови наместо од општина, дозвола се бара токму од предлагачот на овие законски измени, Министерството за транспорт и врски. Според познавачите на состојбите, барањата во Министертсвто стојат со месеци без одговор.

Стопанството пред колапс

Стопанската комора на Македонија бара што поскоро да се приклучат во мрежата сите инсталирани фотоволтаици, кои ќе обезбедат дополнителни количини струја, а нивните очекувања беа дека со кризната состојба што ја прогласи Владата минатата недела, а ќе важи од 01 септември, ќе се овозможи целокупната произведена енергија од обновливи избори да биде насочена само за индустријата. Сепак, според моменталните податоци, од сонце во земјава се произведуваат вкупно 3 отсто од вкупната енергија и тоа не е доволно да ја спаси индустријата

Извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дрилон Исени, минатата недела за Блумберг Адриа изјави дека трошоците за струја лани ова време изнесува од 1,3 до 2,3 отсто од вкупниот оперативен трошок на фирмите, годинава стигаат и до 10 отсто.

„За илустрација една средна производна компанија која има годишен обрт од пет милиони евра треба да плати трошоци за струја (според пресметката во јули) од милион евра. Слична е ситуацијата и во услужните дејности каде цената на струјата е поскапена до шест пати“, објасни тој.

Глигор Цветанов од Макпрогрес, вчера во име на Стопанската Комора побара консензус од власта, опозицијата и научната јавност да се најде модел за вистински да се помогне на компаниите

„Направете напор за да заштедите потрошувачка на енергија на други места, а да обезбедите домашна енергија за компаниите и да донесете уредба да им ја продадете таа енергија на компаниите по производствена цена преку државната „ЕСМ снабдување“, ако не целосно, барем до некоја количина, пример до 200-300 MWh месечно по компанија. Со ова ќе има можност да се спасат компаниите во кои засегнати страни се и работодавците и вработените и соработниците, а богами и државата“, вели тој, и додава:

„За четвртиот квартал цената е преку 950 евра за MWh и продолжува да расте. Ова се цени кои ниеден бизнис самостојно не може да ги апсорбира. И по цена на загуби нема да може бидејќи сумите се вртоглави, а патот кон пропаста е сѐ поизвесен. За илустрација, сетете се колку сте платиле лани истиот месец. Сега е тоа помножено 10-пати до 12-пати. И тоа не трае еден месец. Трае и ќе потрае доволно долго за да ја однесе компанијата во пропаст“.

Домашниот вишок се продава за 300 се препродава за 800 евра

Државното ЕСМ вишоците на струја што ги произведува во ноќните часови ги продава по цена од 250 до 300 евра за мегават. Купувачи се домашните трговци кои потоа истата струја им ја продаваат на макеоднските компании по берзански цени. Затоа Сојузот на стопански комори минатата недела побара да се ограничи маржата за трговците.

Во пресрет на зимата за која и Владата призна дека ќе биде најтешка досега, бизнисот се плаши и од рестрикции на струја. Намалувањето на производството и на бројот на работници веќе станува се поизвесно.

Превземено од блумберг адриа

Тагови

Поврзани вести