Вести

НАСА: Нивото на морето лани нагло се зголеми

Светското просечно ниво на морето се зголеми за околу 0,76 сантиметри од 2022 до 2023 година, речиси четири пати повеќе од претходната година, објави вчера НАСА, припишувајќи го „значајниот скок“ на моќниот феномен Ел Нино и на климатските промени.

Анализата на НАСА се заснова на повеќе од 30 години сателитски набљудувања, со првото лансирање сателит во 1992 година и последното во 2020 година.

Севкупно, нивото на морето се зголемило за околу 10 см од 1993 година. Стапката на пораст исто така се забрза, повеќе од двојно се зголеми од 0,17 см годишно во 1993 година на сегашната стапка од 0,43 см годишно.

„Сегашните стапки на забрзување значат дека сме на пат да додадеме уште 20 сантиметри на глобалното средно ниво на морето до 2050 година“, рече Надја Виноградова Шифер, директорка на тимот на НАСА за промена на нивото на морето и програма за океанска физика во Вашингтон.

Тоа би било двојно повеќе промени во следните три децении во споредба со претходниот век, рече таа, создавајќи иднина каде што поплавите се многу почести и покатастрофални од денес.

Непосредна причина за таквиот скок е Ел Нињо, кој ја замени Ла Ниња од 2021 до 2022 година, кога нивото на морето се зголеми за околу 0,20 см.

Ел Нињо е природен временски феномен поврзан со нарушување на шемите на ветерот, што значи повисоки температури на површината на океаните во источниот и централниот дел на Пацификот.

Ел Нињо, кој се јавува во просек на секои две до седум години, обично трае од девет до 12 месеци и може да предизвика екстремни временски настани како што се шумски пожари, тропски циклони и долги суши.

Спротивно на тоа, Ла Ниња е временска шема што се карактеризира со невообичаено ниски температури во Тихи Океан.

„Во годините на Ел Нињо, многу дожд, кој инаку паѓа на копното, завршува во океанот, привремено подигајќи го нивото на морето“, рече Џош Вилис, истражувач на нивото на морето во Лабораторијата за млазен погон на НАСА (ЏПЛ).

Но во овој тренд на забрзување е видлива и јасна човечка трага.

„Долгорочните збирки податоци како овој 30-годишен сателитски запис ни овозможуваат да направиме разлика помеѓу краткорочните ефекти на нивото на морето, како што е Ел Нињо, и трендовите што ни кажуваат каде оди нивото на морето“, рече Бен Хамлингтон од ЏПЛ.

Технолошките иновации низ годините донесоа поголема точност на мерењето. На пример, радарските височини ги одбиваат микробрановите од површината на морето, а потоа го снимаат времето потребно за сигналот да се врати назад до сателитот, како и јачината на повратниот сигнал.

Тие, исто така, ги проверуваат своите податоци со други извори, како што се мареографи и сателитски мерења на атмосферската водена пареа и гравитационото поле на Земјата.

Тагови

Поврзани вести