ЗабаваИнтервјуМакедонија
Мики Анчевски: Најмногу ме радува што преку „Мислотека“ децата го учат македонскиот јазик
Кога еден детски квиз ќе излезе од рамките на телевизиското студио, неговиот вистински успех почнува да се гледа во приказните што ги создава.„Мислотека“ зад себе има две сезони исполнети со знаење, игра и стотици незаборавни моменти со најмладите. Но зад камерите постои уште една приказна – за неочекуваната популарност, реакциите на децата и родителите и влијанието што проектот го создава далеку пошироко од телевизискиот екран. За сето она што публиката не го гледа во емисиите разговаравме со водителот Мики Анчевски.

По две успешни сезони, детскиот квиз „Мислотека“ прерасна во многу повеќе од телевизиска емисија. Децата го препознаваат водителот Мики Анчевски на улица и во театар, родителите прашуваат кога започнува новата сезона, а квизот стигна и до македонските деца кои живеат надвор од Македонија. Со Анчевски разговараме за искуството од првите две сезони, популарноста на проектот и моментите што најмногу ги памети.
Зад вас се две сезони на „Мислотека“. Какво е чувството кога денес ќе погледнете наназад?
Пред сè, прекрасно. Кога започнувате еден нов проект, никогаш не можете целосно да предвидите како ќе го прифатат децата. По две сезони можам да кажам дека најголемото задоволство е што „Мислотека“ навистина стигна до нив. Децата не ја доживуваат само како квиз, туку како игра во која сакаат да учествуваат, да размислуваат, да се натпреваруваат и да покажат што знаат.
Веројатно најдобар показател за тоа е интересот за новата сезона?
Апсолутно. постојано добиваме пораки од родители и деца со едно исто прашање: „Кога почнува новата сезона?“ Тоа е можеби најубавата потврда што еден детски проект може да ја добие. По две сезони, децата веќе ја очекуваат „Мислотека“ и сакаат повторно да бидат дел од неа.
Вие работите и во Театарот за деца и младинци. Дали популарноста на „Мислотека“ ја чувствувате и таму?
Да, и тоа ми е особено драго. Театарот отсекогаш ми овозможувал непосреден контакт со детската публика, но по „Мислотека“ почна да се случува нешто ново. Децата ме препознаваат во театарот, ми приоѓаат, сакаат да разговараат за квизот, а неретко ме запираат и на улица. Ќе ви кажат кое прашање го знаеле, кој натпреварувач го гледале или дека и тие сакаат да учествуваат. Тоа е прекрасно чувство затоа што веднаш гледате дека она што го создавате навистина стигнало до нив.
„Мислотека“ очигледно стигнала и многу подалеку од Македонија. Имате интересна приказна поврзана со децата што живеат надвор од земјата.
Тоа е можеби едно од најубавите сознанија што ги добивме. Имавме директни контакти со деца и семејства од Лерин и Воден кои ја следат „Мислотека“, а знаеме дека емисијата ја гледаат и македонски семејства во Австралија, Канада и Нов Зеланд.
Особено ме трогна сознанието дека дел од децата надвор од Македонија преку игрите, прашањата и содржините од „Мислотека“ го вежбаат и го учат македонскиот јазик. Кога создавате детски квиз, размислувате за знаење и забава. Не очекувате дека тој може да стане и мала врска со јазикот и со Македонија за дете кое расте илјадници километри далеку. За мене тоа има посебна вредност.

Колку е тешко да се направи квиз кој истовремено ќе биде едукативен и забавен?
Тоа е веројатно најголемиот предизвик. Ако е само едукативен, лесно може да стане продолжение на училишниот час. Ако е само забава, ја губи суштината. „Мислотека“ се обидува да го најде балансот – детето да се забавува, а притоа да размислува, да научи нешто ново и да посака да знае повеќе.
Зад сето тоа стои голем тим составен од врвни професионалци од различни области, кои со своето знаење, искуство и креативност го градат проектот и постојано го надградуваат. Токму таа заедничка работа е една од најважните причини што „Мислотека“ денес го има својот препознатлив карактер.
Важна е и соработката со Европскиот креативен медиумски центар, наш долгогодишен соработник и значаен поддржувач на проектот. Кога зад една идеја стојат професионален тим и партнери кои ја препознаваат нејзината образовна и креативна вредност, тогаш таа има простор постојано да се развива и надградува.
И секако, Македонската телевизија е најзаслужна што „Мислотека“ доби можност да се реализира, да расте и да стигне до детската публика низ цела Македонија.
Што најмногу научивте вие од децата во овие две сезони?
Дека никогаш не треба да ги потценуваме. Понекогаш нè изненадуваат со знаење, понекогаш со логика, а понекогаш со сосема неочекуван одговор што ќе го насмее целото студио. Но најважно е што се искрени. Кај нив веднаш знаете дали нешто функционира или не.
А што можеме да очекуваме понатаму од „Мислотека“?
Би оставил дел од тоа како изненадување. Она што можам да го кажам е дека интересот што го гледаме по две сезони ни покажува дека „Мислотека“ има уште многу простор да расте.
Кога децата ве прашуваат кога повторно ќе започне, кога ве препознаваат на улица, а потоа ќе дознаете дека некое дете во Австралија, Канада, Лерин или Воден преку „Мислотека“ го вежба македонскиот јазик – тогаш знаете дека сте создале нешто што одамна ја надминало рамката на обична телевизиска емисија.




