Македонија
МВР предупредува на измами: една жена оштетена за 3.000 евра, од други барале и до 20.000

Во изминатите денови, три жени од Тиквешкиот регион станале жртви на измами, информираат од СВР Велес, од каде што упатуваат апел до граѓаните да бидат особено претпазливи при контакти со непознати лица.
Во два од случаите, повозрасни жени биле доведени во заблуда со приказни за итна медицинска интервенција на блиски членови од семејството, при што од нив биле побарани по 20.000 евра. Во третиот случај, жителка на Кавадарци останала без речиси 3.000 евра откако била измамена при наводен договор за заеднички бизнис.
Еден од пријавените случаи се случил на 10 февруари, кога 72-годишна жена од Неготино добила телефонски повик од лице кое се претставило како директор на болница во Велес. Тој ѝ соопштил дека нејзината внука наводно има скршеница и дека се потребни 20.000 евра за операција. Во текот на разговорот, жената слушнала и плач во позадина, за кој ѝ било кажано дека е од нејзината снаа. Подоцна, кога заедно со сопругот отишле во болницата, им било потврдено дека таков пациент не постои, по што станало јасно дека станува збор за измама.
Во друг случај, 77-годишна жена пријавила дека добила повик од лице кое се претставило како лекар и побарало 20.000 евра за операција на нејзината ќерка. По разговор со таксист и проверка кај свој близок, таа сфатила дека информацијата не е точна и дека станува збор за обид за измама.
Третиот случај бил пријавен на 13 февруари, кога 28-годишна жена од Кавадарци соопштила дека била оштетена за околу 180.000 денари. Парите ги предала на жена од истиот град, која ѝ ветила заеднички бизнис, но договореното никогаш не било реализирано.
Од СВР Велес велат дека се преземаат мерки за расчветлување на случаите и дека паралелно се спроведуваат превентивни активности за информирање и заштита на граѓаните од вакви измами.
Полицијата повторно апелира граѓаните да бидат внимателни при комуникација со непознати лица и секој сомнителен случај веднаш да го пријават во најблиската полициска станица.
Една од жртвите посочила дека измамниците често располагаат со основни лични информации, ги знаат имињата на роднини и зборуваат убедливо, што кај повозрасните лица лесно предизвикува паника. Таа нагласила дека е многу важно да не се реагира под стрес и притисок и секогаш да се направи дополнителна проверка пред да се донесе било каква одлука.



