Забава

Матурската парада на учениците од Гевгелија започна со Штраус, а заврши со „Бисер балкански“

Малку порано од другите, деведесет од 154 матуранти од СОУ „Јосиф Јосифовски“, денеска точно напладне, на шеталиштето во Гевгелија го одиграа познатиот матурски квадрил, на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“, како дел од годинашната „Матурска парада 2024“.

 

Изминативе денови, тие вежбаа под будното око на активот за спорт при СОУ „Јосиф Јосифовски“, на чело со Јулија Беќарова.

Матурантите најнапред беа поздравени од директорот на училиштето, Александар Делиџаков.

– Гевгелија е горда на вас! Овој танц нека биде ваш и наш момент да блеснеме и да му се радуваме на сето она што го постигнавме заеднички, изминативе четири години. Ви посакувам лична среќа, успех во натамошното школување, храброст и остварување на сите желби и убави нешта во животот – рече Делиџаков.

Учениците, пак, во име на својата училишна генерација 2020-2024 година, им се заблагодарија на своите наставници и на директорот, кои четири години ги воспитувале и им давале знаење.

– Затворивме едно од најубавите поглавја во нашите животи. Сега пред нас се отвора ново, кое треба да нè воведе во светот на возрасните и кое повторно ќе биде исполнето со учење и со најразлични предизвици што ги носи животот – изјавија учениците на парадата.

По завршувањето на „Матурската парада“, учениците се фатија на оро и пеејќи ја „Бисер балкански“, посакаа животот да им биде барем малку како матурскиот квадрил на кој танцуваа.

Тагови

Поврзани вести