Живот

Луѓето забрзано ја трошат планетата Земја

Да беше фирма, одамна ќе банкротираше – светот живее на сметка на идните генерации. Светскиот фонд за природа (WWF) предупредува дека светот веќе денеска ги искористил ресурсите кои му стојат на располагање до крајот на годината.

„Од 1 август повторно се зголемува глобалниот дефицит на човештвото. До крајот на годината ќе живееме ‘на рабуш’ и ќе ја трошиме основата за живот на нашите деца и внуци“, критикува Јерг-Андреас Кригер од WWF-Германија.

Светското население, според податоци на еколошката организација Global Footprint, се однесува и живее како да има располагање 1,7 Земјини топки.

Развојот е многу опасен, особено поради фактот што човештвото над можностите на природата живее повеќе од 30 години. Само за споредба: минатата година ресурсите за 2017. беа потрошени на 2 август, а пред 20 години исцрпувањето на годишните ресурси се случи во октомври. Последната година кога човештото живеело согласно ресурсите со кои располага била далечната 1970-та година.

Последиците од повеќедецениското прекумерно искористување се видливи веќе денес, оценува WWF. Климатската криза и најголемото изумирање на видови од исчезнувањето на диносаурусите до денес, ги имаат зафатено сите континенти. Тоа го докажуваат и овие сушни пролет и лето, од што страдаат и земјоделството и еко-системите.

Организацијата Гринпис утре организира протести во 30 германски градови. Ќе се бара закон за заштита на ресурсите, што меѓу другото би значело и забрана за уништување на нова стока или производи кои може и натаму да се користат. „Ние консеквентно го игнорираме наједоноставното правило на стопанисувањето: никој не може да долг рок повеќе да троши, отколку што добива“, коментира портпаролката на Гринпис, Вајола Волгемут.

Извор: DW

Тагови

Поврзани вести