Македонија
Заврши 61-часовната забрана за движење: Ќе ги преплават ли Македонците банките, маркетите и парковите?

Денеска во 05.00 часот заврши 61-часовна забрана за движење на целата територија на Македонија која започна во петокот од 16.00 часот и за прв пат опфати три дена во историјата на земјата.
Се очекува граѓаните денеска да го надополнат пропуштеното за време на викендот и да бидат поактивни, особено на попрометните места како што се маркетите и банките, како и на оние предвидени за рекреација.
Забраната за движење на населението на територија на целата држава од денеска продолжува да се применува од 16.00 и да завршува во 05.00 часот наутро во работните денови.
Согласно одлуката на Владата, лицата над 67-годишна возраст од денеска можат да се движат надвор само од 10 до 12 часот од понеделник до петок, а младите до 18 години во работни денови ќе може да излезат од дома само од 13 до 15 часот.
На јавни места е забрането движење на повеќе од двајца граѓани во групи, освен ако се работи за родител со свои деца кои имаат до 14 години.
Од петок попладне до вторник наутро, за време на Велигденските празници да трае полицискиот час, е една од мерките за која ќе се разговара неделава на владина седница, а потоа ќе се размислува дали мерките ќе важат за следните викенди.