Македонија
АХВ: Над 1.200 контроли: откриени сериозни неправилности во храната

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа казни во вкупна вредност од над 19 илјади евра во денарска противвредност, по спроведени 1.221 вонредна контрола во пресрет на Велигденските празници.
Во рамки на контролите, уништени се повеќе од 272 килограми небезбедна храна, претежно од животинско потекло. Дополнително, на депонијата Дрисла биле отстранети над 40 тони небезбедни јајца увезени од Србија, кои биле спречени да завршат на домашниот пазар.
Инспекторите утврдиле повеќе неправилности, меѓу кои продажба на производи со истечен рок, користење замрзнато месо во подготовка на храна, како и несоодветно декларирани производи. Поради тоа, издадени се 35 решенија за отстранување на пропустите и изречени се шест опомени.
Контролите, кои ги опфатиле сите фази од синџирот на снабдување со храна, откриле и дека седум објекти работеле без регистрација во АХВ. Кај три оператори било утврдено дека вработените немаат извршени задолжителни здравствени прегледи, ниту соодветна обука за работа со храна.
Дополнително, кај 13 субјекти биле констатирани незадоволителни хигиенски и технички услови за работа.



