Македонија
82 пожари, илјадници луѓе евакуирани на Крф, Родос и Евија
Пожарникарите во Грција се борат да ги зауздаат 82-та шумски пожари кои горат низ земјата, од кои 64 избувнаа во текот на вчерашниот ден, кој беше регистриран како најтопол ден од летото досега.
Поради големиот пожар на островот Родос, 19.000 луѓе беа принудени да се евакуираат, голем дел од нив туристи, а пожари се шират и на островите Евија и Крф, засега во Егејскиот дел на Македонија е мирно и со помали забележани инциденти.
На Евија, властите им наредија на жителите на четири села во јужниот дел да се евакуираат во градот Каристос кој се наоѓа на запад од територијата која е зафатена од оган.
„Пожарот можеби е на 2 километри оддалеченост, но ветрот е силен, чадот е густ и воздухот е тежок за дишење“, изјавил заменик-гувернерот, Јоргос Келаидитис, кој беше во близина на едно од загрозените села.
Северниот дел на Евија беше опустошен во шумски пожари во август 2021 година.
Евакуации мораа да бидат извршени и во североисточниот дел на Крф и во северните делови на Пелопонез, во близина на градот Егио. Поради ситуацијата беше блокиран сообраќајот на државниот пат кој по брегот ги поврзува Атина и Патра. Синоќа властите повикаа на нови евакуации од овие места.
Министерство за климатски промени и граѓанска заштита, пак, соопшти дека итната состојба на Родос предизвикала досега најголема евакуација од шумски пожар во државата. Полицијата соопшти дека 16.000 луѓе биле евакуирани по копно, додека дополнителни 3.000 луѓе по морски пат од 12 села и неколку хотели. Шест лица биле кратко задржани во болница поради респираторни проблеми. Голем број туристи чекаат да се вратат дома преку лет од аеродромот во Родос. Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека на аеродромот е воспоставено биро за помош на туристите кои ги загубиле своите патни документи при евакуацијата.
Вчера температурите во Грција продолжија да бидат екстремно високи. Дури 180 локации низ земјата имаа регистрирано температура повисока од 40 степени целзиусови. Највисоката беше измерена во градот Гитио, во јужна Грција, каде беа регистрирани 46,4 степени.