ВестиЗабава

„Мислотека“ повторно на малите екрани – квиз што ја буди детската љубопитност

Со уште повеќе енергија, смеа и детска љубопитност, од Вторник започнува емитувањето на втората сезона на детскиот квиз „Мислотека“, кој ќе се прикажува од понеделник до петок, со премиера во 10:25 часот и реприза во 15:30 часот на Македонската телевизија.

По успешната прва сезона, „Мислотека“ се враќа со нови епизоди, нови предизвици и уште поголема радост за најмладите гледачи. Квизот и понатаму на забавен и интерактивен начин ги поттикнува логичкото размислување, знаењето, брзината и тимскиот дух, создавајќи позитивна атмосфера во која учењето е игра, а знаењето – вистинска авантура.

Зад реализацијата стои голем тим на професионалци, кои долг период посветено работеа на подготовките, снимањето и постпродукцијата. Проектот е резултат на заеднички ентузијазам, креативност и искрена желба да се создаде квалитетна, едукативно-забавна програма за деца.

Водителот Мики Анчевски истакнува дека снимањето било исполнето со позитивни емоции и незаборавни моменти.
„Снимањето на Мислотека беше прекрасно – полно со смеа, радост и детска искреност. Работата со децата е нешто што те исполнува, а атмосферата на сетот беше навистина посебна и инспиративна“, вели Анчевски.

Организаторите нагласуваат дека целиот тим со голема благодарност и среќа пристапил кон проектот.
„Ова беше долг процес полн со труд, посветеност и љубов. Снимањето беше исклучително интересно, динамично и забавно, а целиот тим е искрено благодарен што имавме можност да работиме на еден ваков проект за деца – проект што носи вредности, знаење и насмевки“, изјави продуцентот Александар Терпини.

Со нови содржини, силна емоција и препознатлива позитивна атмосфера, „Мислотека“ и во втората сезона има амбиција да стане секојдневна инспирација за најмладите гледачи и нивните семејства.

 „Мислотека“ – втора сезона, од понеделник до петок, премиера во 10:25 и реприза во 15:30 часот.
Квиз што ја слави детската мисла, знаењето и радоста на учењето.

Тагови

Поврзани вести