Македонија
16 пожари на отворено, шест се уште активни
Од ЦУК апелираат да не се пали вегетација на отворено, редовно чистење на локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.
Во последното деноноќие имало 16 пожари на отворено од кои шест се уште се евидентирани како активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Регионалните центри за управување со кризи Охрид и Тетово бележат по два, а регионалните центри за управување со кризи Штип и Куманово по еден пожар.
-Заради настапувањето на ноќта, а и заради локализирање при гаснењето, непристапен терен и немање опасност по луѓе, на крајот од денот вчера силите што биле ангажирани за гаснење на таквите пожари се повлечени од терен и од утрово ќе догасат, таму каде што треба и се може, информира ЦУК.
Од ЦУК апелираат да не се пали вегетација на отворено, редовно чистење на локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.
Во последното деноноќие имало вкупно 2 636 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 49,17 отсто, а 50,83 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 61,88 отсто, кон итната медицинска помош 27,80 отсто, а кон пожарникарите 8,52 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.