Свет
Слабеењето на океанските струи може да донесе поголеми суши и екстремни горештини на Балканот

Научниците предупредуваат дека слабеењето на еден од најважните климатски системи на Земјата – Атлантската меридионална циркулација (AMOC) – би можело значително да ја промени климата во Европа, а особено во медитеранскиот регион и на Балканот.
Нова студија покажува дека мистериозната студена зона јужно од Гренланд и Исланд од почетокот на минатиот век се изладила за речиси еден степен Целзиусов. Според истражувачите, ова е еден од најсилните показатели дека AMOC постепено слабее.
Станува збор за огромен систем на океански струи кој функционира како природен климатски мотор на планетата. Тој пренесува топла вода од тропските области кон северот на Атлантикот, каде што водата се лади, потонува и повторно се движи кон југ. Но, забрзаното топење на мразот на Гренланд внесува големи количества слатка вода во океанот, нарушувајќи го овој природен процес.
Научните модели предупредуваат дека доколку дојде до сериозно слабеење или дури колапс на AMOC, Европа би можела да се соочи со драматични климатски промени. Додека северниот дел од континентот би можел значително да залади, Медитеранот и Балканот би биле изложени на уште поизразени топлотни бранови и сушни периоди.
Според анализите, промените во океанските струи би ги нарушиле вообичаените шеми на врнежи над Медитеранот, оставајќи го регионот под посилно влијание на жешките и суви воздушни маси кои доаѓаат од Африка. Последиците би биле намалување на водните ресурси, поголем ризик од шумски пожари и дополнителен притисок врз земјоделството.
За земјите од Балканот, каде што во последните години сè почесто се регистрираат екстремно високи температури и недостиг на вода во текот на летото, ваквиот развој би можел дополнително да ги продлабочи климатските предизвици. Особено ранливи би биле земјоделското производство, лозарството, овоштарството и хидроенергетскиот сектор.
Во меѓувреме, според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за време на претстојниот викенд времето во Македонија ќе биде посвежо, додека од почетокот на следната седмица повторно се очекува постепен пораст на температурите.
Иако научниците сè уште не можат прецизно да предвидат кога и дали би дошло до сериозно нарушување на AMOC, тие предупредуваат дека следењето на овие промени е од клучно значење за разбирање на идните климатски ризици со кои ќе се соочат Европа и Балканот.



