Култура

Скопје повторно во знакот на поезијата од 7 до 9 мај

Шестото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ ќе се одржи од 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје и во книжарницата „Буква“, каде што ќе настапат околу стотина поети од земјава и од странство. На фестивалот се најавени гости од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија и Црна Гора.

Годинашното издание се одвива под мотото „(Со) стих спроти наратив! (Поезија, политика, пропаганда…)“, со кое организаторите го одбележуваат векот од раѓањето на Ален Гинзберг, нагласувајќи ја актуелноста и интерпретативната широчина на неговото творештво и денес. Визуелното решение на фестивалот е дело на Андреј Павлов.

Свеченото отворање е закажано за 7 мај во 20 часот во МКЦ, каде ќе настапат девет поети и поетеси, меѓу кои и Деспина Сиљаноска, избрана како најуспешна учесничка на настанот „Отскочна даска #5“, кој служи како платформа за млади автори. По поетското читање, публиката ќе има можност да проследи поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ.

Вториот фестивалски ден носи настан со ограничен број посетители под наслов „Поетот е присутен“, каде дел од учесниците ќе читаат во поинтимна атмосфера. Во програмата е вклучен и „Диптих #6“, настан на кој ќе бидат промовирани нови поетски изданија, како и уште едно меѓународно читање со учество на десетмина автори.

Завршницата на фестивалот, на 9 мај, ќе се одржи во „Буква“, со промоции на книги и поетски читања. Публиката ќе може да се запознае со нови изданија од регионални автори, по што ќе следува завршниот настан „Диверсити“, на кој ќе настапат петнаесет поети, а фестивалот ќе заврши со неформална дружба.

Во рамки на придружната програма, на 7 мај во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде промовирана поетска панорама посветена на петгодишнината од платформата „Отскочна даска“. Во ова издание се вклучени дела од сите досегашни учесници, а промоцијата ќе биде проследена со читање од младите автори.

Тагови

Поврзани вести