Свет
Данска планира забрана за мобилните телефони во училиштата од 2027 година
Данска се подготвува да воведе национална забрана за користење мобилни телефони и други приватни електронски уреди со пристап до интернет во основното и нижото средно образование. Новите правила се предвидени да стапат во сила од учебната 2027/2028 година.

Забраната ќе важи и за време на одморите, со цел подобрување на концентрацијата и непосредната комуникација меѓу учениците
Данското Министерство за образование на 23 ноември објави нов договор со кој се предвидува значително ограничување на употребата на дигиталните уреди во училиштата.
Забраната ќе се однесува на мобилните телефони и другите приватни електронски уреди со пристап до интернет, како за време на наставата, така и за време на училишните одмори.
Секое училиште ќе одлучува за начинот на спроведување на мерката. Телефоните ќе можат да се собираат на почетокот на училишниот ден или да останат исклучени во училишните чанти.
Предвидено е и воведување интернет-филтри во училишните мрежи, со кои ќе се ограничува пристапот до социјалните мрежи, видеоигрите, страниците за интернет-купување и други содржини што не се поврзани со наставата.
Според резултатите од истражувањето ПИСА 2025, 36 проценти од данските ученици изјавиле дека дигиталните уреди или содржини им го одвлекуваат вниманието на повеќето или на сите часови по природни науки. Просекот во земјите на ОЕЦД изнесува 28 проценти.
Новите правила ќе предвидуваат исклучоци за учениците на кои електронските уреди им се неопходни поради здравствени причини или попреченост. Компјутерите и таблетите што се користат за образовни цели ќе останат дозволени.
Данска не е единствената земја што презема вакви мерки. Според податоците на УНЕСКО, до март 2026 година, 114 образовни системи во светот вовеле национални забрани за мобилните телефони во училиштата, што претставува 58 проценти од земјите опфатени со истражувањето.
Сепак, досегашните истражувања за ефикасноста на забраните покажуваат различни резултати. Покрај ограничувањето на употребата на телефоните, значајна улога има и образованието за одговорно користење на современата технологија.
Со најавените промени, Данска настојува да создаде училишна средина со помалку дигитални одвлекувања на вниманието и повеќе простор за учење, дружење и непосредна комуникација.
Предлогот допрва треба да ја помине законодавната постапка.
Извори
– Министерство за образование на Данска



