Култура

Ново откритие во светот на уметноста: потврдена слика на Рембрант ван Рајн

Експерти од Рајксмузеум потврдија дека делото „Визија на Захарија во храмот“ е автентична слика на Рембрант ван Рајн, по двегодишно детално истражување спроведено со современи научни методи.

Сликата е создадена во 1633 година, во раниот творечки период на уметникот, кога Рембрант имал само 27 години. Делото прикажува библиска сцена со првосвештеникот Захарија во храмот, додека присуството на архангелот Гаврил не е директно прикажано, туку е сугерирано преку драматичен зрак светлина што навлегува од горниот десен агол.

За потврдување на авторството, експертите примениле повеќе напредни методи на анализа – материјална и пигментна анализа, споредба со други рани дела на Рембрант, испитување на потписот, како и дендрохронолошка анализа на дрвената подлога. Овие испитувања го потврдиле и времето на настанување на делото – 1633 година, а утврдено е и дека техниката на нанесување боја и композиционите измени се карактеристични за младиот Рембрант.

Интересно е што делото било отстрането од официјалниот опус на уметникот во 1960 година. Откако било купено од приватен колекционер во 1961 година, сликата исчезнала од јавноста и со децении не била изложувана.

Дури неодамна сегашниот сопственик се обратил до Рајксмузеум во Амстердам со барање за нова експертиза. По завршувањето на анализата, музејот потврди дека станува збор за оригинално дело на Рембрант.

Сликата сега е долгорочно отстапена на музејот и ќе биде изложена за јавноста од 4 март 2026 година, првпат по повеќе од шест децении.

Тагови

Поврзани вести