Природа
Најчистите реки во Македонија – каде вреди да се разладите, да уживате во природа и да рибарите
Македонија располага со десетици реки, но само неколку од нив и денес се издвојуваат по исклучително чистата вода, зачуваната природа и можностите за активен одмор. Иако квалитетот на водата варира во зависност од годишното време и конкретната локација, планинските реки и нивните горни текови остануваат меѓу најчистите во државата.
Радика – бисерот на Националниот парк Маврово
Радика со години важи за една од најчистите реки во Македонија. Извира во падините на Шар Планина и Кораб, а тече низ спектакуларни кањони и густи шуми во Националниот парк Маврово.
Покрај кристално чистата вода, Радика е омилена дестинација за љубителите на природата, фотографите и планинарите.
Во летниот период, на мирните и побезбедни делови од реката, локалното население традиционално се разладува. Ова е одлична можност да избегате од горештините и да се разладите на Радика. Но, поради студената планинска вода, потребна е претпазливост. Радика е река покрај која може да уживате. Заминете на еднодневен излет во Ростуше, Јанче и околината на манастирот „Свети Јован Бигорски“. А исто така одличен избор и ако сакате риболов. Радика е позната по пастрмката и е една од најценетите реки меѓу спортските риболовци.
Горниот тек на Треска – природен мир недалеку од Скопје
Во својот горен тек, пред да помине низ погусто населени места, реката Треска се одликува со чиста вода и прекрасна природа. Кањонот Матка е најпознатиот дел од реката, но и повисоко по течението може да се најдат тивки и живописни места. Во летните месеци, на безбедни и проверени локации каде што нема силни струи можете да се капите. И секако Матка е една од најубавите излетнички дестинации во земјата, со можност за пешачење, кајак и посета на пештери. Треска нуди и и добри услови за спортски риболов, но секако, онаму каде е дозволено.

Црн Дрим – чиста вода од Охридското Езеро
Црн Дрим започнува од Охридското Езеро, па токму во горниот тек водата е исклучително чиста. Реката минува низ Струга и продолжува кон западниот дел на Балканот. Интересен е за капачите, во близина на истекот од езерото и на уредените плажи околу Струга.

.
Горна Брегалница – планинска убавина во Малешевијата
Изворишниот дел на Брегалница, во околината на Берово и Малешевските Планини, е меѓу најчистите речни подрачја во источниот дел на Македонија. Чистиот воздух, густите шуми и свежата вода ја прават оваа област идеална за љубителите на мирниот одмор.
На природните вирови и мирни делови од реката можете да се разладите, но секогаш да имате в предвид дека реката има струи поради што е задолжителна претпазливост. Беровско Езеро и Малешевските Планини нудат одлични услови за еднодневен или викенд престој, а секако Брегалница е одличен избор за спортски риболов во согласност со локалните прописи.

Што е со Вардар?
Иако Вардар е најголемата река во Македонија, неговиот квалитет значително варира. Горниот тек има подобар квалитет на водата, но по минувањето низ поголемите урбани средини се зголемува загадувањето од комунални и индустриски отпадни води.
Македонија сè уште има реки кои пленат со својата природна убавина и чиста вода. Радика, горниот тек на Треска, Црн Дрим и горна Брегалница се меѓу најдобрите избори за оние што бараат освежување, мирен излет или незаборавен ден во природа.



