Клима

Нагло заладување на Балканот – температури и до 15 степени под просекот

Ретко навлегување на арктичка воздушна маса кон крајот на април предизвикува нагло заладување во голем дел од Источна и Југоисточна Европа, предупредуваат метеоролозите од „Severe Weather Europe“.

Причината за оваа ненадејна промена е слабеењето на поларниот вртлог, што овозможило студениот воздух да се спушти далеку кон југ. Дополнително, силна атмосферска бариера над Атлантикот – позната како Омега блокада – го пренасочува студот директно кон европскиот континент.

Температурите во наредните денови ќе бидат и до 10–15 степени под просекот за овој период, што претставува сериозен ризик за земјоделството, особено за овошките и лозјата кои веќе се во фаза на цветање.

Во северна и источна Европа веќе се регистрира значително заладување, со снег и температури под нормалата. До средината на неделата студениот бран ќе се прошири и кон Централна Европа и Балканот.

Во исто време, западниот дел од Европа ќе остане под влијание на потопло време, што создава изразен температурен контраст на континентот.

Во Македонија денес преовладува стабилно и релативно топло време, но веќе од утре следува постепено влошување со облачност и повремен дожд. Од четврток се очекува засилен северен ветер и значителен пад на температурите, додека во петок и за време на викендот наутро на некои места температурите може да паднат и под нулата.

Тагови

Поврзани вести