Свет

Моќен тајфун се приближува кон Токио: Највисоко предупредување за дел од регионот

Моќниот тајфун Дуџуан денеска се приближува кон источниот брег на Јапонија, носејќи поројни дождови, силни ветрови и сериозна опасност од поплави и свлечишта во поширокиот регион Канто, во кој се наоѓа и Токио. Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека временските услови можат нагло да се влошат во текот на денот.

На островот Ошима, околу 110 километри јужно од Токио, е издадено предупредување од највисокото, петто ниво за опасност од свлечишта. Во делови од самиот Токио и поширокиот регион се активирани и предупредувања од пониски нивоа, при што властите повикуваат населението во загрозените области навреме да се евакуира.

Во делови од островите Изу веќе наврнале повеќе од 300 милиметри дожд, а метеоролозите предупредуваат дека количината може дополнително да се зголеми со приближувањето на центарот на тајфунот. Посебна опасност претставува можноста за формирање долги и тесни појаси од дождовни облаци, кои за кратко време можат да донесат екстремни количества врнежи и ненадејни поплави.

Тајфунот веќе предизвикува сериозни нарушувања во секојдневниот живот и сообраќајот. Откажани се најмалку 275 авионски летови, а илјадници домаќинства останале без електрична енергија. Дел од железничкиот сообраќај е суспендиран или ограничен.

Поради невремето биле одложени и спортски настани, додека заминувањето на јапонската премиерка Санае Такаичи за Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк било поместено за четири часа.

Јапонската метеоролошка агенција предупредува на свлечишта, излевање на реки, поплавување на ниските делови, високи бранови и силни ветрови, особено во Канто и на пацифичкиот брег на источна Јапонија. Според прогнозите, Дуџуан треба да мине во непосредна близина на поширокото подрачје на Токио во текот на денот и вечерта.

Тагови

Поврзани вести