Клима

Метео прогноза:„Топлинска купола“ носи невообичаено топло време во Европа

Последните денови од февруари ќе донесат невообичаено топло време во голем дел од Европа, со температури кои значително ќе ги надминат вообичаените вредности за крајот на зимата. Зад ова затоплување стои метеоролошки феномен познат како „топлинска купола“ – стабилен систем на висок воздушен притисок кој подолго време задржува топол воздух над континентот.

Топлата воздушна маса постепено ќе се придвижува од запад кон исток. Првите на удар ќе бидат Шпанија и Франција, каде што температурите би можеле да се искачат и до околу 25 степени Целзиусови, по што бранoт на топлина ќе се прошири и кон Централна Европа. Во Франција, земјите од Бенелукс и Германија се најавуваат вредности и до 15 степени над просекот, што отвора можност за соборување на температурни рекорди за овој период од годината.

Поимот „топлинска купола“ се користи кога силен антициклон овозможува доток на топол воздух од северозападна Африка кон Европа. Кога ваков висок притисок ќе се „заглави“ меѓу два циклона, се создава т.н. омега-блокада, при што атмосферските струења се забавуваат, а стабилното и потопло време се задржува подолго од вообичаено. Иако овој феномен најчесто се поврзува со летни горештини, тој може да се појави и во зима, носејќи рано-пролетни температури.

Со придвижувањето на топлата маса кон исток, затоплувањето ќе го почувствува и Балканот. Во Македонија се очекува постепен раст на температурите кон крајот на февруари и почетокот на март, со вредности над сезонскиот просек. Сепак, утринските часови ќе останат студени, а разликите меѓу дневните и ноќните температури ќе бидат изразени, што е типично за вакви стабилни антициклонски услови.

Иако времето ќе потсетува на пролет, метеоролозите предупредуваат дека наглото затоплување може да доведе до побрзо топење на снегот во планинските предели и појава на локални поплави. Можно е и присуство на честички од сахарски песок во воздухот, што привремено може да ја намали видливоста и да го замати небото. Ова затоплување, сепак, не значи дека зимата е завршена, бидејќи враќање на постудено време во текот на март и понатаму останува можна опција.

Тагови

Поврзани вести