Култура
Македонскиот јазик во дигиталната ера – работилница на ФИНКИ

По повод Денот на македонскиот јазик, денеска на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе се одржи работилница на тема „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“.
Целта на настанот е да се разгледаат постојните дигитални алатки и ресурси, да се идентификуваат нивните слабости и да се отворат дискусии за нивно унапредување. Организаторите посочуваат дека клучно е поврзувањето на креаторите на јазични содржини со нивните корисници, со цел да се поттикне развојот на современи решенија.
Работилницата ќе се одржи во малиот амфитеатар на ФИНКИ, а воведни обраќања ќе имаат деканот Петре Ламески и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, која ќе говори за улогата на македонскиот јазик во дигиталната ера.
Во програмата се вклучени и излагања од проф. д-р Димитар Трајанов, кој ќе се осврне на развојот на јазични модели, како и доц. д-р Николче Мицкоски, кој ќе презентира теми поврзани со корпусите на македонскиот јазик.



