Македонија
Македонија го одбележува Денот на македонскиот јазик

Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, денеска се одбележува со низа настани во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Катедрата за македонски јазик при Филолошки факултет „Блаже Конески“ и собраниската Комисија за култура и туризам.
Во рамки на одбележувањето во Институтот, обраќања ќе имаат директорката Елена Јованова-Грујовска, директорката на Семинарот за македонски јазик при УКИМ, Кристина Николовска, како и поглаварот на Македонската православна црква, Стефан. Научниот советник Борче Арсов ќе одржи предавање на тема развојот на македонското писмо – од најраните форми до кирилицата.
Катедрата за македонски јазик ќе организира трибина посветена на современите состојби на јазикот, со акцент на неговата употреба во правните акти, на која ќе учествуваат професори и експерти од повеќе институции.
Во Собрание на Македонија, пак, ќе се одбележи значаен јубилеј – 80 години од објавувањето на првата „Македонска граматика“ од Круме Кепески, со обраќања од пратеници и универзитетски професори за значењето на јазикот во образованието и културата.
По повод празникот, ФИНКИ ќе организира работилница посветена на дигиталните јазични ресурси, со фокус на современите технологии и нивната улога во развојот на македонскиот јазик.
Денот на македонскиот јазик се одбележува официјално од 2019 година, во чест на одлуката од 1945 година за усвојување на македонската азбука, како и на процесот на кодификација и стандардизација на јазикот по АСНОМ.



