Македонија

Еколошка катастрофа кај Солун: Лагадинското Езеро изгубило 94 отсто од водната површина

Лагадинското Езеро (преименувано во Коронија), во близина на Солун, е пред целосно исчезнување. Неговата водна површина е намалена за дури 94 отсто, а најдраматичното намалување е забележано во последните три години, објави „Метео“

Езерото, кое некогаш зафаќало 42,8 квадратни километри, најголемото во егејскиот дел на Македонија, денес има водна површина од само 2,7 квадратни километри. Според сателитските снимки од европската програма „Коперникус“, во 2024 година површината изнесувала 29,8 квадратни километри, а во 2025 година се намалила на 17,9 квадратни километри.

Еколошката деградација започнала пред неколку децении. И покрај претходните интервенции и привременото подобрување на состојбата, езерото повторно се соочува со драматично намалување на водата.

Исчезнувањето на Лагадинското Езеро претставува сериозна закана за биолошката разновидност и природните живеалишта во регионот. Експертите предупредуваат дека без ефикасно управување со водните ресурси и долгорочни мерки за обнова, езерото може целосно да исчезне.

Извор: МИА / Метео

Тагови

Поврзани вести