Македонија

Денеска одлука за в.д. јавен обвинител, со привремен мандат од најмногу шест месеци

Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница за определување вршител на должноста државен јавен обвинител на местото Љупчо Коцевски кој поднесе оставка. Претходната седница на чиј дневен ред беше ставен изборот на заменик на Коцевски до изборот на нов државен јавен обвинител беше одложена поради отсутво на еден од членовите на Советот.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, минатата недела на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција, а Советот на јавни обвинители седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител до изборот на наследник на Љупчо Коцевски првично ја закажа на 19 декември, но изборот беше одложен.

Советот на јавни обвинители ја одлижи седницата на 19 декември поради отсуството на членот на Советот, Јелена Догазанска Колева. Поради нејзиното отсуство, членот на Советот обвинителот Ермон Незири предложи да се одложи изборот на в.д. јавен обвинител на Република Македонија, бидејќи, како што рече, тоа е значајно прашање и треба во полн состав да се избере в.д. јавен обвинител. Со ваквиот прелдог на Незири се согласија сите членови на Советот на јавни обвинители.

Вршителот на должност јавен обвинител на Република Македонија се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија. Должноста ќе ја извршува до именување на нов државн јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Тагови

Поврзани вести