Македонија

Гостиварчани пиеле небезбедна вода и во 2022, 2023 и 2024 година

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, се обидуваат политички да профитираат од актуелната состојба во Гостивар, притоа, како што велат, премолчувајќи ги проблемите со квалитетот на водата за пиење во периодот кога биле на власт.

На прес-конференција, портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, изјави дека документи кои, според ВМРО-ДПМНЕ, биле доставувани до тогашните надлежни институции покажуваат дека во 2022 и 2023 година во повеќе наврати била констатирана небезбедна вода за пиење во Гостивар.

Манасиевски посочи дека во извештаи од 15 септември, 7 октомври и 17 декември 2022 година, како и од 24 март, 21 јуни, 5 јули и 19 јули 2023 година, било наведено дека водата не е безбедна за пиење, при што како една од причините се споменува зголемен број колиформни бактерии.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека овие информации им биле познати на тогашните надлежни институции и го повикаа СДСМ да одговори зошто, според нив, не биле преземени соодветни мерки за решавање на проблемот и навремено информирање на граѓаните.

„Граѓаните заслужуваат вистина и одговорност, а не политичко лицемерие“, порача Манасиевски.

Од СДСМ засега нема реакција на овие обвинувања.

Тагови

Поврзани вести