Култура
Балет, филм и џез: Македонија се претставува во Белгија

Со изведбата на балетската класика „Лебедово езеро“ во Антверпен на 2 мај, свечено беа отворени „Деновите на македонската култура“ во Белгија – манифестација што ја претставува уметноста од Македонија пред европската публика.
Организатор и поддржувач на настанот е Министерството за култура и туризам, кое ја гледа оваа иницијатива како важна можност за меѓународна афирмација на македонското културно наследство и современата уметничка сцена.
Според надлежните, промоцијата на македонската култура надвор од земјата останува еден од приоритетите, а Белгија е дел од пошироката европска програма за културни презентации во текот на 2026 година.
Програмата опфаќа повеќе уметнички содржини. Покрај балетот на Националната опера и балет, кој настапи со „Лебедово езеро“, во Брисел е предвидена и проекција на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, како дел од современата македонска кинематографија.
На 5 мај, Оркестарот за џез музика ќе одржи концерт во културниот центар Bozar, претставувајќи спој на традиционални мотиви и современ џез звук.
Во рамки на програмата за годинава, планирана е и изложба на теракотни икони од Виница во Европскиот парламент, со цел дополнително претставување на македонското културно наследство.
„Деновите на македонската култура“ во Белгија се сметаат за значајна платформа за промоција на националниот идентитет и за продлабочување на културната соработка со европските земји.



