Свет

Јужна Кореја: Опозицијата бара импичмент на претседателот

Јужнокорејскиот претседател Јун воведе воена состојба во земјата поради блокада на буџетот, која траеше неколку часа - сѐ додека парламентот не гласаше против тоа. Опозицијата сега поднесе барање за импичмент на Јун.

По обидот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол да воведе воена состојба во Јужна Кореја, во земјата владее голем гнев. Опозициската Демократска партија (ДП) зборува за јасно кршење на Уставот и поднесе барање за постапка за импичмент. За тоа би требало се гласа во наредните три дена, велат пратениците од опозициските партии.

Претходно, барањимпичмент импичмента за оставка на претседателот дојдоа од синдикатите. Корејскиот сојуз на синдикати објави дека илјадници нејзини членови ќе штрајкуваат додека Јун не поднесе оставка. Самиот Јун, кој вчера изненадувачки воведе воена состојба, а потоа, по отпорот во парламентот, ја укина за само неколку часа, сѐ уште не ги коментирал овие барања.

Колективна понуда за оставка од сопствени советници

Јун најверојатно ја загуби поддршката и од своите редови. Високи по функција советници на претседателот и секретари понудија колективна оставка, соопшти Конзервативната партија. Претходно, претседателот на неговата партија ППП, Хан Донг Хун, ја опиша воената состојба како „погрешна“, известуваат локалните медиуми.

Јун прогласи воена состојба во телевизиски говор. Во него тој ја обвини опозицијата дека сочувствува со Северна Кореја и ја парализира владата преку субверзивни активности. Прогласената вонредна состојба има за цел „да ги елиминира просевернокорејските сили и да го заштити уставниот поредок на слободата“, рече Јун. Тој го повика населението да му верува и да прифати „некои непријатности“.

Војниците се обидоа да го блокираат пристапот до парламентот

Набргу по телевизиското обраќање, стотици демонстранти се собраа пред парламентот, веејќи транспаренти и барајќи импичмент на Јун. Некои од нив се степаа со безбедносните сили, но нема информации за повредени или голема материјална штета. На телевизиските снимки може да се види како војниците се борат да влезат во зградата на парламентот. Вработените се обиделе да ги спречат, употребувајќи притоа и противпожарни апарати

Парламентот едногласно гласаше против воената состојба

Само неколку часа по најавата на Јун, парламентот едногласно се изјасни за укинување на воената состојба. На гласањето беа присутни 190 пратеници. Уставот на Јужна Кореја предвидува дека воената состојба се укинува доколку тоа го побара мнозинството од 300-члениот парламент. Претседателот на Националното собрание Ву Вон Шик изјави дека воената состојба не важи и дека пратениците ќе ја штитат демократијата заедно со народот. Соочен со противењето од парламентот, претседателот Јун изјави дека војската ќе се повлече. Набргу потоа, и кабинетот се согласи да ја укине воената состојба.

Тагови

Поврзани вести