Свет
Фински град нуди бесплатна торта за тие што ќе го намалат јаглеродниот отпечаток
Еден фински град буквално им помага на граѓаните да станат еко-пријателски настроени, наградувајќи ги со торта и бесплатни билети за јавен превоз и за пливање.
Градот Лахти, кој се наоѓа на север од Хелсинки, создаде апликација што ги следи емисиите на јаглерод на жителите врз основа на тоа дали користат автомобил, јавен превоз, велосипед или одат пешки. Жителите што доброволно ги споделуваат своите информации на апликацијата „Ситикеп“ добиваат неделна квота за јаглерод. Ако квотата не е исцрпена, тие добиваат виртуелни пари што можат да ги користат за купување билети за автобус, пристап до базен или парче торта.
Лахти има речиси 120.000 жители, а досега 2.000 жители ја презеле апликацијата.
– Можете да заработите до две евра (неделно) ако емисијата на патувањето е навистина ниска, но оваа есен имаме намера да ја зголемиме цената десет пати – вели Вил Уситало, менаџер на истражувачкиот проект.
Во моментов околу 44 отсто од патувањата во градот се сметаат за одржливи. Градот, кој беше прогласен за зелена престолнина на ЕУ за 2021 година, планира уште повеќе да го намали влијанието врз животната средина во следната деценија, така што има намера до 2025 година да стане јаглерод-неутрален. До 2030 година целта е барем половина од направените патувања да се извршуваат со одржливи средства наместо со автомобил.
Фото: Pixabay
Мирка Руонен од градскиот совет вели дека апликацијата ѝ помогнала да ја смени перспективата во период од седум месеци, колку што ја користи.
– Викендов отидов да планинарам. Поминав 15 километри, но морав да патувам 100 километри со автомобил. Потоа ја проверив апликацијата и си реков: „Дали тоа е добра работа?“ Можеби за мене да, но не за околината.
Девелоперите на „Ситикеп“ планираат да создадат слични алатки што ќе им помогнат на луѓето со емисиите на јаглерод поврзани со потрошувачката.
Како што објаснува Уситало: – Движењето е само дел од нашиот отпечаток на јаглерод.