Клима

Попладнево дожд, ветер и можен град низ Македонија

УХМР најавува нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално се можни и поинтензивни процеси со невреме, силен ветер и изолирана појава на град.

Времето денеска ќе има две лица: сончеви периоди во првиот дел од денот, а попладне небо со краток фитил. Според прогнозата на УХМР, на повеќе места низ земјава се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално, процесите може да бидат поинтензивни, со услови за краткотрајно невреме, пообилен пороен дожд, силен ветер со брзина над 60 километри на час и изолирана појава на град. Температурите ќе се движат од 9 до 18 степени во утринските часови, а дневните ќе достигнат од 23 до 32 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, но попладне се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можни се и услови за краткотрајно невреме, особено во делови од скопската котлина. Утринската температура ќе се спушти до 15 степени, а дневната ќе достигне до 30 степени.

Според најавите, утре и во сабота времето ќе биде постабилно и посвежо, што ќе донесе кратка пауза од нестабилноста. Но, од недела температурите повторно ќе бидат во пораст, а во попладневните часови повторно ќе има услови за локален дожд, грмежи и засилен ветер.

Граѓаните треба да бидат внимателни во попладневните часови, особено на отворено, во сообраќај и во делови каде што силниот ветер и поројниот дожд може брзо да создадат проблеми. Мај завршува како што често знае да направи пролетта: со сонце наутро и невреме што не прашува кога сте тргнале од дома.

Тагови

Поврзани вести