Култура
Скопје станува центар на културната дипломатија: форумот 2026 во знакот на „Скопје 2028“

Во Скопје денеска свечено започна 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“, на кој учествуваат дипломати, политичари, уметници, експерти и јавни личности од повеќе европски земји и САД. Годинешниот форум се одржува под мотото „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“, а во фокусот се улогата на културата во време на глобални тензии и значењето на меѓународната соработка.
Настанот се одржува во организација на Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институт за културна дипломатија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На отворањето беа испратени пораки дека културната дипломатија станува сè поважна алатка за поврзување на народите во време на геополитички поделби. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека културата создава „потрајни и подлабоки мостови“ од традиционалната дипломатија и порача дека светот има потреба од повеќе дијалог и разбирање.
Посебно внимание годинава ќе биде посветено на проектот Скопје 2028 – Европска престолнина на културата, преку панел-дискусијата „Визија за иднината: Скопје 2028 и моќта на креативноста“, која ќе ги обедини домашните културни работници, уметници и јавни личности. Според организаторите, целта е преку културата да се зајакне меѓународната видливост на Скопје и да се отвори нов простор за европска соработка и културен развој.
Во рамки на форумот ќе се одржат и повеќе тематски сесии во државни и културни институции, меѓу кои и дебати за демократијата, лидерството, културниот дијалог и улогата на уметноста во современото општество. Организаторите очекуваат форумот дополнително да ја позиционира македонската престолнина како регионален центар за културна размена и меѓународен дијалог.



