Култура
„Филхармонија на отворено“ ги собра скопјани во Градски парк, уживаа со музиката од филмовите на Стенли Кјубрик
Омилениот настан „Филхармонија на отворено“ ги собра синоќа скопјани во Градскиот парк, кои уживаа во концертот насловен „Одисеја 2024“. Концертот беше инспиран од филмот „2001: Вселенска одисеја“ на режисерот Стенли Кјубрик и со него Филхармонија ја најавува новата концертна сезона.
Диригентка на концертот беше маестра Дијана Имери Илкоска, а беа изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
Градскиот парк во Скопје и покрај невообичаеното топло време за јуни беше преполн со публика од различни возрасти која со внимание го следеше концертот и инсертите од филмовите на Кјубрик кои се појавуваа на видеобим додека траеше концертот.
„Филхармонија на отворено“ е традиционален настан на отворено кој се одржува во јуни, по завршување на сезоната во Филхармонија и секогаш е многу посетен.
Кјубрик на музиката гледал како на едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика“, велат од Филхармонија.