Свет
Уште еден силен земјотрес ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами

Јапонија е погодена од земјотрес со прелиминарна магнитуда од 6,7 степени според Рихтеровата скала, а издадено е предупредување за цунами во северните и североисточните делови на земјата.
Епицентарот на земјотресот бил во Тихиот Океан во близина на префектурата Аомори, објави „Кјодо“.
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека тихоокеанскиот брег на Хокаидо, како и префектурите Аомори, Ивате и Мијаги, би можеле да доживеат цунами со висина до еден метар по земјотресот, кој го погоди источниот дел на Аомори на длабочина од околу 20 километри.
Цунами од околу 20 сантиметри беше забележано во делови од Хокаидо и Аомори, но немаше извештаи за повредени или материјална штета.
Земјотресот беше со јачина од 4 степени според сеизмичката скала од 7 степени во делови од северна и североисточна Јапонија, а „Тохоку Електрик Пауер“ соопшти дека не се пријавени абнормалности во нуклеарните централи Хигашидори и Онагава, кои се наоѓаат во префектурите Аомори и Мијаги.



