Свет
Украина се обиде да гаѓа нуклеарна централа во Русија
Рускиот претседател Владимир Путин на состанок со највисоките функционери кажа дека Украина за време на синоќешниот напад ја гаѓала нуклеарната централа во регионот Курск во Русија. „Непријателот во текот на ноќта се обиде да ја нападне нуклеарната централа. Ја известивме Меѓународната агенција за атомска енергија“, кажа рускиот лидер.
Централата Курск е една од најголемите руски нуклеарки централи и обезбедува околу половина од електричната енергија за регионот во јужна Русија. Властите во Курск поставуваат бетонски засолништа во Курчатово, каде што се наоѓа нуклеарната централа Курск, соопштија локалните власти.
Путин нареди формирање единици за самоодбрана во руските погранични региони. Гувернерот на Брјанск кажа дека властите спровеле и обука за итна евакуација од пограничните подрачја.
Рускиот претседател одржа состанок со највисоките руски функционери за украинскиот упад во Курск. „Ве собрав за да разговараме за ситуацијата која во моментов се развива во пограничните региони на Русија“, кажа Путин на отворањето на состанокот.
Киев негира дека украинските сили извршиле напад врз централата Курск, отфрлајќи ги тврдењата како „пропаганда и чиста лага“. „Русија сака да нè обвини за нуклеарен тероризам. Тие можат самите да спроведат ваква провокација и ќе се обидат да ја пренесат на меѓународно ниво“, кажа Андреј Коваленко.
Шефот ан ИАЕА Рафаел Гроси претходно кажа дека ќе ја посети централата Курск од безбедносни причини.