Македонија
Со години наназад Македонија е во топ 3 загадени земји во Европа
Децении чекаме да се случи енергетската транзиција и гледаме само години изгубени во неинвестирање, со планови и акции без видливи резултати во животната средина, за државата и граѓаните. Доцниме со инвестициите и 30 години скоро ништо не е направено во секторот енергетика. Имаме проблем со спроведување на нашите обврски, но и обврските што сами сме си ги дале. Енергетската стратегија треба да почне активно да се спроведува, тоа што сега го гледаме од владата не само што не нè води напред, туку нè носи назад во енергетиката, порачува Давор Пехчевски програмски координатор за енергија на Еко-свест.
„Сето ова време се зборува дека треба да има фонд за енергетска ефикасност и фонд за животна средина. Скоро сите приходи на државата по основ такси за животна средина одат во централен буџет, а доколку одат во посебен фонд ќе може со сопствени финансии да ги поддржуваме овие работи што се проблем во државата. Треба сериозно да инвестираме во спроведување на обврските кон ЕУ директивите, сериозно да почнеме со спроведување на нашите стратегии кои се добри и инвестициите да ги насочиме на право место. Одговорот е големи и забрзани инвестиции во обновливи извори на енергија, пред сè со искористување на деградираните подрачја за фотоволтаици и ветерници“, вели Давор Пехчевски од Еко-свест.
Единствено решение како одговор на енергетската криза на долг рок и кое би дало резултати за година-две, сметаат дека е искористување на деградираните објекти и земјиште, по примерот на тоа што започна во Осломеј.
„Како дел од одговор на кризата мора да се работи на поголеми капацитети на обновливи извори на енергија. Да се поставуваат фотоволтаици на веќе деградирани подрачја. Има 5 локации кои се прироритетни каде може да се направи. Станува збор за околу 630 мегавати инсталирани фотоволтаици на петте приоритетни локации што е скоро колку и инсталираниот капацитет на РЕК Битола. Анализата е резултат од соработка со МАНУ и би требало да влезе во акцискиот план за искористување на обновливи извори на енергија”, истакнуваат од таму.
Скопје, со години е еден од најзагадените градови во светот. Постојано се зборува и за преземање мерки за намалување на загадувањето и заштита на животната средина, но истите се неконкретни или половични и во исто време не носат значително подобрување на долг рок. Токму затоа и од Еко-свест упатија апел до Владата за поголема транспарентност во процесот на набавка на енергенси, објавување на податоците за загадување и зголемен инспекциски надзор.
„Активностите поврзани со ублажување на енергетската криза не се транспарентни, а воедно и немаме можност да го дадеме своето мислење пред институциите. Дополнително, зеленото сценарио што е направено пред 2 години е доста добро и носи во правилна насока, но откако е усвоено на Влада, многу мал дел е реализиран. Во овој дел голема улога имаат медиумите, да ја пренесете нашата порака и заедно да седнеме со институциите на маса и следната година да имаме друг одговор што ќе ни овозможи намалено загадување”, потенцира Пехчевски.
Од таму информираат дека е тешко во моментов да проценат како ќе се движи загадувањето на амбиенталниот воздух затоа што зависи од повеќе фактори, но очекуваат зголемување на емисиите што нè става во редовната листа на топ 3 најзагадени земји во Европа според концентрациите на ПМ 2.5 честички, создавајќи сериозни последици по здравјето на граѓаните. Пехчевски посебен акцент става на пораките дека сѐ е дозволено сѐ додека обезбедуваме топлина и струја, за која вели дека е погрешна.
„Со години наназад Македонија е во топ 3 загадени земји во Европа. Според анализите од Европската агенција за животна средина има 3 до 4 илјади предвремени смртни случаи годишно само од загадениот воздух и тоа од некои сегменти од аерозагадувањето, дури не ги обработуваат сите. Воедно, гледаме дека ТЕЦ Осломеј работи 7-8 пати повеќе отколку што работеше претходните години и тоа со увозен јаглен набавен од други земји, на нетранспарентен начин, со непознат квалитет и хемиски состав. Не може да знаеме какви последици предизвикува употребата на ова гориво. Исто така, ТЕЦ „Неготино“ повеќе од 10 години беше ладна резерва, сега активно работи веќе цела година. Последиците од нивното работење најлесно се гледаат по аерозагадувањето затоа што сите термоелектрани работат без соодветни филтри. Испраќаат порака дека сè е дозволено, додека си обезбедуваме топлина и струја. Тоа значи дека и луѓето ќе можат да пристапат кон поевтини методи на затоплување и место да користат дрва или пелети, ќе користат отпад”, смета Пехчевски.