Свет
Северна Кореја ќе ги затвори сите пристапи кон Јужна Кореја во обид да ги раздвои двете земји целосно
Северна Кореја денеска ги прекинува сите патни и железнички пристапи до Јужна Кореја, во обид целосно да ги раздели двете земји. Војската кажа дека Северна Кореја трајно ќе ја затвори и блокира јужната граница и ќе ги утврди областите на својата страна.
„Ова е самоодбранбена мерка за спречување војна и одговор на воените вежби во Јужна Кореја и на честото присуство на американските нуклеарни средства во регионот“, објави корејската народна армија.
Ова е всушност симболичен потег на Пјонгјанг, имајќи предвид дека патиштата и пругите меѓу двете земји ретко се користат и постепено беа демонтирани од севернокорејските власти минатата година.
„Акутната воена ситуација што преовладува на корејскиот полуостров бара од вооружените сили на Демократска Народна Република Кореја да преземат порешителни и посилни мерки, со цел почесно да ја одбранат националната безбедност“, соопшти војската.
Односите помеѓу двете земји се најтензични во последните години. Ким Џонг Ун лани кажа дека веќе не се стреми ком обединувањето и смета дека во секој момент може да избие војна на полуостровот.