Свет

Протести за независност во француската колонија Нова Каледонија

Протестите се насочени против планот да им се даде право на глас на околу 25 000 гласачи со француско потекло кои непрекинато живеат во Нова Каледонија повеќе од 10 години. Досега гласовите на сите жители кои не живееле во Нова Каледонија пред 1998 година беа „замрзнати“

Во француската колонија Нова Каледонија дојде до насилни протести за независност, откако францускиот претседател Емануел Макрон најави уставни измени со кои ќе се реформира изборниот систем во овој регион.

Предложените измени ќе овозможат повеќе француски жители да гласаат на изборите во Нова Каледонија, за кои поддржувачите на независноста стравуваат дека негативно ќе се одразат на гласовите на домородните Канаци.

Како што објави јавната телевизија 1-ва Нова Каледонија (1ère Nouvelle-Calédonie), на протестите дошло и до судир меѓу демонстрантите и безбедносните сили, особено во предградијата на главниот град Нумеа.

Од вчера горат неколку продавници и автомобили. Очевидци на социјалните мрежи информираа дека имало грабежи и апсења. Училиштата и јавните служби во островската држава ќе бидат затворени во следните неколку дена. Меѓународниот аеродром „Нумеа“ е затворен и сите комерцијални летови се откажани, се вели во соопштението на аеродромскиот оператор.

Францускиот висок комесар Луј Ле Фран објави дека неколку полицајци се повредени и дека побарал засилување од Париз за да го одржува редот и законот.

Нова Каледонија е важна колонија за Париз како стратешка воена база и поради наоѓалиштата на никел таму. Жителите гласаа да остане дел од Франција на три референдуми во 2018, 2020 и 2021 година. Но, движењето за независност го бојкотираше последното гласање и најави дека нема да го прифати резултатот.

 

Тагови

Поврзани вести