Македонија
По Охридското Езеро, рибата сончарка уловена и од Дебарското Езеро
Рибарите на спортското риболовно друштво Трофта (пастрмка) денеска од водите на Дебарското Езеро за првпат е извлекле риба од видот сончарка, јави МИА. Пред две години нуркачите од нуркачкиот клуб Амфора ја регистрираа оваа риба и во Охридското Езеро.
Рибата во Дебарското Езеро е уловена од делот на езерото кај општината Центар Жупа. Сончарката е инвазивен вид од Северна Америка, кој, откако е доведен во Европа, е проширена во слатките води насекаде низ стариот континент.
Во Македонија оваа мала слатководна риба ја има и во Преспанското и во Охридското Езеро, како и во реката Црн Дрим, од каде веројатно пристигнала во Дебарското Езеро.
Пред две години сончарките беа снимени во водите на Охридското Езеро. После подолга опсервација на овој интересен вид риба кој природно не припаѓа во ендемичниот екосистем на Охридското Езеро, нуркачите на Амфора забележале многу интересни моменти особено во нејзиното однесување за време на мрестење.