Природа
Поплавени куќи, улици, прекини во снабдувањето со струја во Скопско, Кумановско и Тетовско
Во вчерашното невреме кое прво го зафати Тетово, па потоа Скопје, Куманово и нивната околина, предизвикани се голем број матријални штети, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). На бројот 112 стигнале пријави за поплавени дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично.
Во Куманово две екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) интервенирале во текот на цела ноќ на повеќе места на поплавени објекти, а ќе продолжат и во текот на денот.
„Целиот град е поплавен. Речиси и нема место од каде не ни се јавија. Ноќеска интервениравме на улицата Никола Вапцаров, поплавени се 4 куќи, а имаме пријави и во населбата Бедиње, три улици во Карпош, на Октомвриска револуција и во Соколански парк. Одредени објекти се поплавени од дождот, а во некои се вратила водата од канализацијата. Интервенираме со пумпи за извлекување на водата од поплавените објекти. Нашите екипи продолжуваат со работа и во текот на денот, по списокот на пријави“, изјави Дејан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.
Пожарникарите утринава вадеа вода од подрумските простории на станбена зграда на улица Октомвриска револуција. Станарите се жалат дека поради неправилно изведена канализациска мрежа, при секој дожд нивните подруми се полни со вода.
„Имавме повеќе интервенции, паднато дрво ја блокираше улицата ЈНА. Успеавме да го трнеме и да го деблокираме сообраќајот. Исто беше и на улицата Среќко Пужаљка, на Октомвриска револуција, а во моментот наша екипа работи на Тоде Думба. Истовремено ги чистиме улиците од наносите од песок и камења“, вели директорот Ненад Стојановски.
Во Тетово од невремето бил блокиран локален пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна кој бил преполн со вода и каде што имало едно заглавено возило.
Според Упрвата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до утре ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Утре на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд над 30 литри на метар квадратен за кратко време, грмежи, силен ветер над 60 километри на час и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.
Од ЦУК апелираат граѓаните да се внимателни и сите итни случаи да се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.