Свет

Орбан: Пактот за азил и миграција „уште еден клинец во ковчегот на ЕУ“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Пактот за азил и миграција, кој беше усвоен од Европскиот парламент во средата, претставува „нов клинец во ковчегот на Европската унија“.

„Единството е мртво, нема сигурни граници. Унгарија нема да попушти пред лудилото на масовната миграција. Потребни се промени во Брисел за да се запре миграцијата“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.

Пактот за миграција и азил предвидува правила за управување со приемот и преселувањето на барателите на азил.

Шолц го поздрави усвојувањето од страна на ЕП на миграцискиот пакт, а Туск предупреди дека Полска нема да прифати преселување имигранти во ЕУ

Новите правила предвидуваат побрз преглед на барањата за азил, вклучително и на границите на ЕУ, подобрена идентификација на лицата при пристигнување и задолжителни безбедносни, ранливост и здравствени проверки за луѓето кои нередовно влегуваат во ЕУ, како и подобра реакција на кризи и нова шема за доброволно преселување на бегалците од трети земји.

Земјите-членки можат да изберат помеѓу преземање одговорност за барателите на азил, давање финансиски придонеси или обезбедување оперативна поддршка.

Според новите правила, луѓето кои не ги исполнуваат условите за влез во ЕУ ќе бидат предмет на процес на проверка пред влезот, вклучувајќи идентификација, собирање биометриски податоци, здравствени и безбедносни проверки, во период до седум дена.

Кога станува збор за солидарност и одговорност, со цел да им се помогне на земјите-членки на ЕУ кои се под притисок на миграцијата, другите членки ќе придонесат со преместување на барателите на азил или корисници на меѓународна заштита на нивната територија, со давање финансиски придонеси или со обезбедување на оперативни и технички поддршка.

Ќе се ажурираат и критериумите според кои земјата-членка е одговорна за разгледување на барањата за меѓународна заштита, таканаречените Даблински правила.

Регулативата за кризи и виша сила воспоставува механизам за одговор на зголемените пристигнувања и обезбедува солидарност и поддршка за земјите-членки кои се соочуваат со прилив на државјани од трети земји.

Новите правила ќе ја опфатат и инструментализацијата на мигрантите, на пример кога тие се користат од „трети земји или непријателски недржавни актери“ со цел да се дестабилизира ЕУ.

ЕП поддржа нови униформни стандарди за сите земји-членки за признавање на статусот на бегалец или на лице на кое му е доделен статус на супсидијарна заштита, како и за правата дадени на оние кои ги исполнуваат условите за заштита.

Земјите-членки ќе мора да обезбедат еднакви стандарди за примање баратели на азил, кога станува збор, на пример, за нивното домување, образование и здравствена заштита.

Регистрираните баратели на азил ќе можат да започнат со работа најдоцна шест месеци по поднесувањето на барањето.

Условите за притвор и ограничувањата на слободата на движење ќе бидат регулирани за да се обесхрабрат барателите на азил да се движат низ ЕУ.

Советот на ЕУ сега треба официјално да го одобри пакетот, а регулативите се очекува да стапат на сила во рок од две години.

Тагови

Поврзани вести