Македонија

Орбан денеска и утре во посета на Македонија

Виктор Орбан ќе престојува во Охрид на 26 и 27 септември, каде што ќе се одржат важни политички разговори со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. За време на посетата, ќе се дискутираат повеќе теми, вклучително и договорот за заем од 500 милиони евра од Унгарија. Локалните власти најавуваат привремени затворања на патиштата и зголемени безбедносни мерки за време на престојот на унгарската делегација.

Според најавите од македонската влада, тој ќе се сретне со премиерот Мицкоски во премиерската вила рано утрината, а дополнително ќе се одржат и низа на билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, по што ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница. Од владата информираа и дека на маргините на дводневната посета е предвидена и прошетка во градот, посета на црквата Богородица Перивлепта, античкиот театар и манастрискиот комплекс Свети Наум. За таа цел како што информираа од МВР дел од сообраќајниците низ градот ќе бидат и затворени. Од таму апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници.

-СВР Охрид презема посебни безбедносни мерки. Безбедносната состојба е стабилна, така ќе биде и понатаму. Фокусот е ставен на преземање на интензивни мерки на терен, на трасата по која ќе се движи делегацијата со возилата и членовите на делегацијата при посетата на сите оние позначајни места во градот и околните места. Полициските службеници се фокусирани на безбедноста, но секако приоритетот ќе биде даден на сообраќајните мерки,–Стефан Димовски – Портпарол на СВР Охрид.

Посетата на унгарскиот премиер Орбан на земјава го привлече вниманието кај медиумите во регионот. Дел од бугарските медиуми особено го нагласуваат делот дека унгарското претедателство со ЕУ се обидува да ја продолжи политиката за проширување кон Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, поради како што велат, блискоста на македонската влада со Орбан. Дел од грчките медиуми пак, наведувајќи ја агендата, потсетуваат и дека посетата доаѓа непосредно откако македонското собрание го одобри заемот од 500 милиони евра од Унгарија.

Тагови

Поврзани вести