Живот

Од Цук информираат – Водата во Гостивар не е безбедна за пиење, а Тетово е со намалено водоснабдување

Обилните врнежи од дожд изминативе денови во Градот Гостивар предизвикале контаминација на водата во градската водоводна мрежа

Градот Тетово се снабдува со намалено количество на вода, а водата од јавната водоводна мрежа во Градот Гостивар не е безбедна за пиење, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Јавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово соопшти дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, састемот на филтер станицата засега е целосно затворен.

Поради тоа, Градот Тетово се снабдува со намалено количество на вода, а екипите на „Шар“ работат на терен за да го решат проблемот.

„Ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13 до 15 часот и во период од 01 до 04 часот“,
велат од тетовското комунално претпријатие.

Според Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гостивар, обилните врнежи од дожд изминатите денови предизвикале контаминација на водата во градската водоводна мрежа.

„Најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата во јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење“,

велат од „Комуналец“ Гостивар.

Ги информираат жителите на Гостивар да не пијат од водата од чешма, односно таа што доаѓа од градскиот водовод.

Тагови

Поврзани вести