Министерството за внатрешни работи (МВР) отвори шалтер за „Безбеден град“ во зградата на Македонската телевизија во Скопје. На шалтерот може да се поднесе барање за промена на контакт-податоците кои се доставени при регистрација на возилата, ако има промена или во случај да е добиено известување со неточни податоци. Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8 до 17 часот. Истото ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР. „Исто така, граѓаните по електронска пошта на bezbedengrad@moi.gov.mk ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, велат од МВР. Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од 1 февруари 2026.