Македонија

Македонски Брод бара решение за браната Калуѓерица и за скратување на патот до Скопје

Да се симне или избрише котата на браната Калуѓерица во Македонски Брод и да се скрати патот до Скопје. Ова се два најголеми проблема кои, според локалната самоуправа на Македонски Брод, го кочат економскиот развој на оваа општина во Поречието.

Градоначалникот Жарко Ристески денеска истакна дека во соработка со здружението „Поречани“ се сѐ погласни за решавање на овој проблем и дека за браната Калуѓерица, како што рече, Владата сѐ уште нема слух.

-Преку Агенцијата за просторно планирање вршиме притисок за да се намали котата на браната Калуѓерица или, пак, да се избрише. Со правењето на браната Козјак, апсолутно нема смисла постоењето на браната Калуѓерица. Наместо браната Калуѓерица да биде економски двигател на нашата општина, таа го влече назад економскиот развој на Македонски Брод. Кога говориме за инвестирање во производството и преработка на костенот, не можеме да имплементираме урбанизација покрај Треска, во близина на регионалниот пат, токму поради браната Калуѓерица. Како локална самоуправа го зголемуваме притисокот кај централната власт, заедно со здружението „Поречани“, за да може да се развива регионот. Просторниот план е отворен и сега е моментот да се реши проблемот. Просторниот план е отворен 10 години и ако сега не се повлече котата, и наредните 10 години ќе останеме да тапкаме во место. На нашата општина ѝ се прави голема неправда, изјави гардоначалникот Ристески кој денеска го најави одржувањето на Фестивалот на костенот.

Голем проблем за развојот на општината, рече, е и патот Македонски Брод – Скопје. Наместо да се патува 80 километри, сега се патува 150 до 160 километри. Тој пат сѐ уште е со режим поради „Јасен“. Обесхрабрува, рече, што годинава не е во програмата на Владата за изработка на проект.

-Ние вршиме притисок и барем наредната, 2024 година, да влеземе во програмата за изработка на проектна документација за патот. Поранешните проекти на ЕСМ се застарени и не се во функција. Тие два проблема, браната Калуѓерица и патната врска со Скопје преку Јасен, навистина го влечат назад развојот на Македонски Брод, смета градоначалникот на Македонски Брод. /МИА

Тагови

Поврзани вести