Култура
Изложба посветена на Св. Трифун со дела од 35 македонски уметници
Изложбата што ќе се одржи по повод празникот Св. Трифун на 13 февруари во Музеј-галеријата Кавадарци ќе претстави дела од 35 уметници и ќе понуди поширок увид во современите ликовни остварувања и различните авторски пристапи. Иако инспирирана од празникот, поставката не е врзана за строга тема, туку е замислена како простор за слободен и индивидуален уметнички израз. Директорот на установата, м-р Јаким Зимоски, посочува дека настанот добива дополнителна тежина поради тоа што се одржува во 2026 година, кога Музеј-галеријата Кавадарци одбележува 50 години од своето постоење.

Во Музеј-галеријата Кавадарци на 13 февруари со почеток во 19:30 часот ќе биде отворена групна изложба посветена на празникот Св. Трифун, на која ќе учествуваат 35 македонски уметници. Изложбата „Боите на Св. Трифун“, која постепено се етаблира како значаен културен настан во градот, нуди разновиден приказ на современи ликовни изрази и авторски сензибилитети. Ова е третпат поставката да се реализира во ваков формат, со што се продолжува континуитетот на поврзување на уметноста со традицијата на лозарството и симболиката на празникот.
Организаторите посочуваат дека изложбата не е строго тематски ограничена, туку функционира како отворена платформа за слободен уметнички израз. Секој автор се претставува со дело по сопствен избор, што овозможува публиката да види различни стилови, поетики и визуелни пристапи во една заедничка галериска целина. На овој начин, изложбата создава простор за дијалог меѓу традицијата и современата уметност, а воедно ја потврдува својата улога како препознатлива културна манифестација во Кавадарци и пошироко.



