Патувања

Извршена маркација на планинарска патека до Бошавските камени кукли

Извршена е маркација на планинарската патека до Бошавските камени кукли.

Неколкумина планинари го одбележаа патот што води до атрактивните природни убавини во подножјето на Кожуф планина, во некогашната општина Конопиште, сега дел од кавадаречка територија.

Претседателот на месната заедница Горна Бошава, Дарко Најдов, утрово потврди за МИА дека во текот на вчерашниот ден ја обележале патеката и дека се надеваат оти таа ќе привлече бројни љубители на природата и алтернативни туристи. Маркирањето е извршено со членови на планинарскиот спортски клуб „Орле“, во кој активно членува и Најдов.

– Станува збор за една од најубавите локации во Тиквешко. Планинарското друштво „Орле“ ја препозна убавината, но и значајноста на овие културни споменици и одлучи да им ги доближи најпрво на кавадарчани, а потоа и на сите останати туристи. Маркирањето на патеката од еден километар се реализираше со помош на планинарска трака. Ова е само првично маркирање и чистење на патеката. За во иднина ни останува да има дополнително чистење, но и маркирање со боја, како и поставување на планинарски патокази, што дополнително ќе го олеснат пристапот до камените столбови, појасни Најдов.

Тој додаде дека овие камени кукли се дел од поголемиот број камени фигури што ги има по течението на реката Бошавица, во атарот на неколку села.

Тагови

Поврзани вести