Македонија
Зимава во Егејскиот дел на Македонија била најтопла досега
Зимата 2023-2024 година била најтоплата досега во споредба со прелиминарните податоци на службата за климатски промени на европската програма Коперник, кои ги анализира научниот тим на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што пишува „Метео“, тримесечниот период декември 2023-февруари 2024 година се карактеризира со долги периоди со високи температурни вредности, кои далеку ги надминуваат нормалните температури за сезоната.
-Зимата 2023-2024 година е регистрирана како најтопла досега, надминувајќи ја зимата 2015-2016 година. Многу важен факт е дека во последните десет години се забележани шесте најтопли зими во земјата. Просечната максимална температура од 1960 до 2024 година за зимскиот период се зголемила за 1,8 степени Целзиусови, пишува „Метео“.
Во Егејскиот дел на Македонија, просечната максимална температура за зимата 2023-2024 година била два до три степени над просекот од периодот 1991-2020 година, додека во останатиот дел од земјата била за еден до два степени повисока.